Сите активности кои во моментов ги преземаат политичките партии, вклучувајќи ги и кампањите на Интернет, се подразбираат како редовни партиски активности, бидејќи во моментов се уште нема учесници во изборна кампања, објаснува во интервју за МИА претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Чичаковски.
Тој вели дека според Изборниот законик, за изборна кампања се смета секое јавно собирање или други јавни настани организирани од страна на учесник во изборна кампања.
„Ние во моментов се уште немаме учесници во изборна кампања и сите активности кои се преземаат се подразбираат како редовни партиски активности и затоа не е исполнет тој услов за да може да се санкционираат овие активности затоа што тие се сметаат како редовни партиски активности“, смета Чичаковски.
Предвремената изборна кампања, како што вели тој, ДИК може согласно овие законски одредби да ја санкционира само во периодот од потврдување на кандидатски листи или кандидатури на кандидати за градоначалници до денот на започнување на изборната кампања.
„Рокот за поднесување на кандидатските листи е до 14 септември, а во моментот се уште немаме ниту една поднесена кандидатура. Ние имаме надлежност да санкционираме предвремено започнување на изборна кампања преку Интернет претставување, меѓутоа проблем е тоа што не постои јасна регулативна за следење на интернет порталите од страна на Агенцијата за медиуми како надлежно тело за мониторирање на медиумите. Затоа е многу тешко да се обезбедат докази и соодветно да се санкционираат доколку после потврдување на кандидатските листи, а пред започнување на изборната кампања имаме предвремено започнување на изборна кампања“, смета тој.