Одбележувањето на Денот на независноста 8 Септември годинава ќе се одвива под мотото „Македонија слободна, слободно живее“.
Централната прослава ќе се одржи пред и во Владата на 7 септември во попладневните и вечерните часови.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на денепната прес конференција, најавувајќи го настанот, ги повика сите граѓани да бидат, како што рече, гости на Владата на Република Македонија. Тој рече дека Владата ќе биде отворена за сите.
Активностите по повод на Денот на независноста ќе се одвиваат три дена и тоа на 6, 7, и 8 септември.
На 6 септември ќе се одржи целодневен спортски настан на Кејот на реката Вардар во организацијата на Агенцијата за млади и спорт „трчај, игра, активирај се“ што опфаќа рекреативна атлетска трка, еколошка акција за чистење на Кејот, одбојка на песок, кајак, крос фит, искачување на карпа и скејт активности.
Утрото на 7 септември владина делегација составена од министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик министерот Дејан Павлески ќе ја посети реставрираната спомен куќа на Блаже Конески во село Небрегово.
Попладнето во 17:30 започнува централното одбележување на Денот на независноста. Пред и во Владата ќе бидат поставени интерактивни уметнички инсталации. На Платото пред Владата ќе биде изведена детската претстава „Маша и нејзината приказна“. На главната бина пред Владата, на Булевар Илинден Танц студиото Dancers United Mk ќе изведе инклузивен танцов настап на професионални танчари со типичен развој и со танчари со попреченост, а настап ќе имаат и Гудачкиот квартет – ВИВА стинг, Хорот при Македонската Опера и Балет, Биг Бенд на Здружението на џез музичари на Македонија, Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Анѓушев, Бени и Нон Стоп со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, Кпурдат, Шутка Рома Рап и Слаткаристика.
На 8 Септември на Денот на независноста делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел ќе положат цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров и Борис Трајковски. Делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, а во организација на Министерството за одбрана во Крушево ќе се организира искачување на Бушева Планина „Заедно кон врвот“.