Вкупно 20.437 првачиња, според податоците на МОН, низ училиштата во Македонија ќе посетуваат настава оваа учебна година.
Од нив македонски јазик образованието ќе го следат 13.218 ученици, на албански јазик 6.419 ученици, на турски 738, на српски 16 ученици и 46 на босански јазик.
Во средните училишта се запишани вкупно 17.364 ученици во прва година, од кои настава на македонски јазик ќе следат 13.349 ученици, на албански јазик 3.765 ученици и на турски јазик 144 ученици, додека пак, 106 ученици по втор пат се запишани во прва година.
Овие бројки за основните и средните училишта не се конечни.
Дескоска исто така рече дека во одредени училишта, условите се загрижувачки и според приоритетите, на прво место ќе биде обезбедување на елементарни услови за работа, односно оспособување на објектите од надворешни влијанија со реконструкција на крововите, фасадите и замена на прозорци.
Што се однесува до создавањето на услови за децата со посебни образовни потреби, МОН испратиле барање до сите училишта да пријават број на ученици со посебни образовни потреби на кои им е потребен персонален асистент. Податоците се уште не се конечни, но и откако ќе бидат добиени, ќе подлежат на процес на проверка. За најитна можна реакција, во соработка со УНДП, во процес на селекција се околу 70 персонални асистенти кои ќе поминат обука за да можат што е можно посоодветно да ги извршуваат своите задачи.
Министерката за образование и наука, Рената Дескоска непосредно пред почетокот на учебната година испратила допис до сите училишта и креирана е апликација преку која наставниците и професорите од сите училишта се поканети да укажат на грешки и проблеми во учебниците. На директорите им е испратена лозинка, која преку e-ucebnici.mon.gov.mk, наставниците можат лично да ги внесат бараните податоци.
– Ги очекуваме одговорите од наставниците и професорите до 15 септември и ја користам оваа прилика да апелирам до сите нив да се вклучат активно во овој консултативен процес – рече Дескоска.
Министерката во јуни годинава најави ревизија на учебниците на сите нивоа на образование.
„Трагајте по знаење, затоа што образованието е патот кон Вашата слобода, знаењето е најсилното оружје со кое можете да го смените својот живот, со кое можете да го смените светот“, е пораката која министерката им ја испраќа на учениците во пресрет на новата учебна година која започнува денеска.
СДСМ: Годината почнува без притосок од екстерното
Во соопштението од владејачката партија по повод почетокот на новата учебна година се истакнува дека таа започнува “без притисок од екстерното тестирање, а Владата продолжува со спроведување на зацртаните реформи“
-Учениците во основно и средно образование за прв пат по неколку години ќе ја започнат учебната година ослободени од стресот што го создаваше непотребното екстерно тестирање, со што тие ќе станат попосветени и помотивирани во наставниот процес, се вели во соопштението.
Исто така се истакнува дека се преиспитуваат образовните програми што се донесени присилно и без расправа, а ќе се ревидираат и сите спорни учебници, додека преку ребалансот на Буџетот за 2017 година обезбедени се дополнителни 10 милиони денари за ученички стипендии и школарини, како и нови 35 милиони денари за студентски стандард.