Министерството за образование и наука смета дека дописот што го испратило во врска со случајот со двете ученички во основното училиште „Братство и единство“ од Охрид, на кои директорот им забранил да посетуваат настава, бидејќи носеле превез, бил погрешно толкуван, односно дека со него се дава дозвола за било какво однесување на директорот или на родителот на ученичките.
-До МОН се обрати родител на две ученички од Основното училиште “Братство и единство” во Охрид со барање мислење за случајот со неговите ќерки на кои не им е дозволено следење на настава во основно училиште поради носењето превез. Министерството за образование и наука во одговорот на писмото укажа дека согласно Законот за основно образование, основното образование е задолжително. Исто така укажа дека во надлежност на директорот е да ја организира, планира и води работата на основното училиште и е одговорен за остварување на правата и обрските на учениците, се вели во соопштението.
Од МОН укажуваат на задолжителноста на основното образование и на надлежноста и одговорноста на директорот на училиштето за остварување на правата и обрските на учениците. При тоа, се подразбира дека сите граѓани се должни да го почитуваат Уставот и законите во Република Македонија, вклучувајќи ги и директорите на училиштата кои својата надлежност треба да ја вршат во рамките на позитивните правни прописи.
-Ако постојат сознанија за постапување на директорот со кое по негова вина е нанесена штета на учениците, на нивните родители или на училиштето, училишниот одбор свикува седница на која се донесува заклучок во писмена форма кој се доставува до директорот. Понатаму во законот е регулирано дека во случај на евентуално постоење на прекршување на законите и оневозможување на остварување на правата на учениците, надлежност имаат покрај училишниот одбор, Државниот просветен инспекторат, градоначалникот и на крајот, по спроведена постапка од страна на другите органи, Министерството за образование и наука, се вели во соопштението.
Народниот правобранител денеска ја осуди постапката на Министерството за образование и наука кое, како што наведува во реакцијата, со испратен допис му овозможило на директорот на Основното училиште „Братство и единство“ од Охрид да им забрани на ученички да посетуваат настава поради тоа што носеле шамија на главата и бара веднаш да им се овозможи да ја следат наставата. На овој потег МОН излезе со реакција, демантирајќи го народниот правобранител дека се согласиле со постапката на директорот. МОН всушност во соопштението е дециден дека директорот, но и родителите треба да се однесуваат согласно законите и Уставот на РМ.