Германската изборна комисија утрово потврди дека демохристијаните на Ангела Меркел победија на парламентарните избори со 33 отсто од гласовите. Социјалдемократската партија е втора со освоени 20,5 отсто од гласовите. Десничарите од Алтернатва за Германија имаат 12,6 отсто и првпат ќе влезат во Парламентот. Доволно гласови за Бундестагот имаат и либералите од ФДП, Зелените и Левицата.
Германската канцеларка Ангела Меркел најверојатно по четврти пат ќе биде на чело на германската влада која треба да формирана до крајот на годината. Но за тоа ќе и биде потребна коалиција
Таа најверојатно не може да смета на досегашниот партнер СПД бидејќи, социјалдемократите на чело со Мартин Шулц го признаа поразот, и најавија дека ќе бидат опозиција.
Во Бундестагот влегува десничарската Алтернатива за Германија, антиимиграциона и крајно десничарска партија. Во Берлин и во други германски градови синоќа се одржани протести против оваа партија, на кои беше јасно изразе стравот од нацизмот.
Меркел изјави дека го презема мандатот за формирање нова влада со својот конзервативен блок, истакнувајќи дека антиимиграциската партија Алтернатива за Германија претставува голем нов предизвик.
Демохристијаните се на власт 12 години од кои последните 4 беа исполнети со исклучителни предизвици.
Меркел сепак е позната во јавноста по едноставни реченици, по технокрартско владеење без многу емоции и по тоа дека на Германците знае да им понуди безбедности во несигурни времиња.
-Ајде да не се лажеме, очекувавме подобар резултат. Но имавме многу тешки четири години. Затоа сум среќна што ја остваривме стратешката цел на нашата кампања. Нема да има нова влада без нас, рече Меркел.
Германските социјалдемократи го признаа поразот на изборите и најавија дека повеќе сакаат да преминат во опоцијата отколку да влезат во коалиција со демохристијаните на Меркел.
СПД на Шулц на овие избори постигна еден од најлошите резултати по Втората Светска Војна. Претседателот на партијата, довчерашниот партиски партнер на Меркел изјави дека „грешките“ на актуелната канцеларка им помогнале на екстремните десничари да влезат во Бундестагот.
-Ние сме одговорни пред нашата земја, а не асега и треба силна опозициска партија. Коалицијата и секоја соработка со демохристијаните сега престанува, а планот за иднината на Германија ќе ја претставиме како опозиција, рече Шулц.
Во Парламентот на Германија за првпат по 1949 година влегува една крајна десна партија, Алтернатива за Германија.
Тие ветија дека „ќе ја променат земјата“. Оваа партија е формирана во 2013 година како антиевропска партија, но потоа го промени фокусот извлекувајќи корист од стравувањата од рекордниот прилив на мигранти во Германија.
Еден од приоритетите на АфД ќе биде да покрене парламентарна истрага против канцеларката Меркел поради нејзината одлука во 2015 година во земјата да прими еден милион бегалци.
-Гласачите беа толку незадоволни со работата на големата коалиција, што обете партии изгубија големи проенти во споредба со минатите избори. Гласовите отидоа кај нашата партија која сака одредени теми да врати на јавна расправа, кои долго беа ставани под тепих. Сега за нив ќе се расправа во Бундестагот, изјави Фрауке Петри од АфД.
По објавувањето на резултатите, во Берлин и уште неколку градови одржани се протетси поради влезот на крајната десница во Парламентот, плашејќи се од нацизам и ксенофобија.
Кои им се опциите на демохристијаните?
По децидниот став на СПД дека оди во опозиција, Меркел има само една можност за составување влада- да склучи коалицијата со либералите и со зелените. Коалицијата на три партии е новина за Германија.
Либералите бараат место министер за финансии, кое традиционално им припаѓа на победниците, но според аналитичарите традицијата веќе нема некоја поголема улога.
Либералите најверојатно ќе го добијат и местото министер за надворешни работи.