Сомневањата дека печатењето учебници досега се злоупотребувало за нечии бизнис интереси, ВМРО-ДПМНЕ како да се обидува да го потврди со секојдневните прес конференции со кои го напаѓаат работењето на МОН, реагираат денеска од Министерството за образование на тврдењето од опозицијата дека недостасуваат учебници.
Министерството истакнува дека, согласно законските норми учебниците се чуваат и се користат неколку години, пренесувајќи се од генерација на генерација. Зошто во некои училишта учебниците кои се користеле минатата година не им се поделени на учениците оваа година? Очигледно е дека одредени директори по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да предизвикаат вештачка криза. Во прилог на ова е и фактот што Македонија се соочува со тренд на намалување, а не на зголемување на бројот на ученици, па минатогодишните количини на учебници да не можат да ги задоволат потребите на овогодинешните генерации ученици, се вели во соопштението.
Исто така се потсетува дека, согласно законските норми, доколку одредени учебници се оштетени, истите се заменуваат со нови, при што објавен е и ценовник за надоместок заради оштетување на учебниците.
-Одредени училишта пријавиле недостаток на учебници заради оштетување, но ниедно од нив нема уплатено надомест за оштетените учебници. Исто така при спроредба на бројот на побарувани нови учебници со бројот на ученици, воочени се нелогичности кои отворија сомневања за мотивите за тие побарувања. Затоа беа направени дополнителни анализи на побарувањата, при што се покажа дека дел од нив се нереални и ги потврдија сомневањата, велат од МОН.