Металург ја запиша втората сезонска победа во групната фаза, прва на гостински терен, во ракометната Лига на шампиони. Тимот од Автокоманда славеше во Русија против Чеховски медведи со 32:26 во меч од петтото коло во Д конкуренцијата. Халил Јагањац со девет гола беше најефикасен играч на средбата, шест додаде Жарко Пешевски колку и Санталов како прв стрелец кај поразената екипа.
Обете екипи имаа по една половина од првото полувреме. Воведните 15 минути му припаднаа на македонскиот вицепрвак чии ракометари постојано им „бегаа“ на противничките за еден гол по што сликата на теренот се смени во полза на составот на Владимир Максимов, но одмор беше дочекан израмнети бројки на семафорот (15:15).
Вториот дел почна во знак на Чеховски медведи меѓутоа за кратко и се што следуваше потоа беше во знак на Металург. Домашните до 34 минута го диктираа темпото и во тој период имаа и плус 2 (19:17) за подоцна да се покаже дека тоа ќе биде се што ќе успеат да сторат за што заслуга има и голманот Мартин Томовски кој забележа 11 интервенции.
Металурзи до 44 минута направија серија од 6:0 за поплочување на патот до конечен триумф. По два гола во неа вградија Танкоски и Илиќ, по еден Јагањац и Пешевски за водство со 23:19 што во последната четвртина од натпреварот нарасна и до шест гола.
Тимот на Лино Червар претходно во групата Д славеше и над Спортинг Лисабон со 28:27, ремизира со Мотор во Запорожје (28:28), а загуби од Монпелје (22:32) и од Бешикташ (27:31). Поради ЕХФ неделата (23-29 октомври), Лигата на шампиони по ова коло ќе влезе во пауза до почетокот на наредниот месец за кога се закажани мечевите од шестата рунда. А, во неа Металург го очекува реванш со Чеховски медведи.
Чеховски медведи – Металург 26:32 (15:15)
Сала: „Олимписки“ во Чехов. Гледачи: 3.000. Судии: Ларс Јорум и Хавард Клевен (двајцата од Норвешка)
Чеховски медведи: Павленко (3 одбрани), Грушко (2 одбрани), Болотин, Санталов 6, Ѕемин, Корнев 3, К. Котов 1, Андреев 2, Шарков 1, Куретков 5, А. Котов 2, Осташченко 1, Карлов 1, Василев, Фурцев, Маслеников 4. Тренер: Владимир Максимов.
Седмерци: 6/9. Исклучувања: 6 минути.
Металург: Томовски (11 одбрани), Арсиќ (2 одбрани), Петров, Јагањац 9, Токиќ 1, Танкоски 3, Серафимов 3, Илиќ 4, Анѓелиќ 4, Велковски 1, Пешевски 6, Палевски 1, Гуглета, Димитриевски, Арсеновски. Тренер: Лино Червар.
Седмерци: 2/3. Исклучувања: 8 минути.
Лига на шампиони, група Д, 5 коло
Чеховски медведи – Металург 26:32
Бешикташ – Мотор Запорожје 28:28
Недела
Спортинг Лисабон – Монпелје (19 ч.)