Парламентарното мнозинство нема да се скусува, туку ќе се проширува, вели премиерот Зоран Заев кој е задоволен од одлуката на Зијадин Села со Алијансата за Албанците да остане во владата. Заев најавува и проширување на коалицијата со нови опозициски партии.
Тој потенцира дека парламентарното мнозинство ќе зајакнува бидејќи, како што рече, има многу демократи и чесни луѓе од опозицијата, кои што не се согласуваат со политиките на поделби, национализам, анатагонизам во општеството, а на Македонија во наредниот период и доаѓаат убави перспективи. Заев смета дека доаѓа и период на сплотеност и на инклузивност на опозицијата внатре.
„Јас верувам дека неколку пратеници ќе се охрабрат да ги поддржат политиките, кои им требаат на граѓаните на Република Македонија. Убеден сум во тоа, така следува период на засукување на ракавите и работење во интерес на граѓаните“, рече Заев.
Тој додаде дека нема ништо против коалицирањето на Алијансата за Албанците и БЕСА на локалните избори.
Превирањата во владината коалицијата дојдоа откако Села се здружи со БЕСА на Билал Касами за трка за градоначалник во 12 општини, спротивставувајќи се на коалицијата на СДСМ-ДУИ за истите општини.