Словенците денеска ќе гласаат за избор на претседател на државата.
Во првиот круг ќе има 9 кандидати, од кои пет се жени. Ако ниту еден од нив не добие 50 отсто од гласовите, вториот круг од изборите ќе се одржи на 12. ноември.
Социјалдемократот и досегашниот претседател Борут Пахор се надева на победа уште во првиот круг. Тој има значителна предност на анкетите пред градоначалникот на Камник, актерот Марјан Шарец и Романа Томц од конзервативната партија СДС.
Според официјалните податоци, право на глас имаат 1,7 милиони. Прелиминарно гласање се одржа на 17 и 19 октомври за оние кои денеска од различни причини нема да можат да гласаат.
Ова се петти претседателски избори во Словенија по распадот на Југославија во 1991 година.