Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров најави дека ќе разговара со сите негови колеги од регионот, чии земји се засегнати од новата мерка на Европската унија за воведување такса за влез на граѓаните на балканските земји кои имаат безвизен режим, за да се најде заеднички пристап кон ова прашање.
– Ќе разговарам со сите мои колеги од регионот за да најдеме начин да укажеме дека дополнителни обременувања на таа слобода на движење не се корисни. Рано е да се зборува за тоа што може да се преземе понатаму во делот евентуално воведување на реципрочни мерки од наша страна. Сакаме поголема отвореност, а не дополнително затворање во однос ЕУ кон нашиот регион и кон Република Македонија, додаде Димитров.
Воведувањето на системот ЕТИАС ќе бара од жителите на балканските држави и другите земји кои не се членки на ЕУ, но имаат безвизен режим со Унијата, да пополнат електронски формулар со своите податоци и да уплатат такса од 10 евра за влез во ЕУ.
Новиот систем за безбедност ЕТИАС ќе важи и за Македонија
Еврокомесарот за миграција и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос вчера изјави дека овој систем не значи враќање на визите, туку поголема безбедност и за членките на ЕУ и за земјите од Балканот и дека е мала процедурална мерка за влез во ЕУ, а во најголем број случаи ќе го поедностави патувањето во Унијата.