Свечена академија по повод Денот на албанското знаме – 28 Ноември се одржа денеска во скопскиот хотел „Александар Палас“ во организација на Демократската унија за интеграции (ДУИ) и под покровителство на лидерот на партијата Али Ахмети.
Зборувајќи за значењето на 28 Ноември за Албанците на Балканот, лидерот на ДУИ истакна дека овој празник и празникот на независноста на Албанија го држеле духот на нацијата. И покрај обидите за, како што рече, бришење на меморијата на Албанците на овие простори овој празник и историјата никогаш не биле заборавени.
– Промените сами ги направивме, рече Ахмети заблагодарувајќи се на поддршката што им ја дале, како што кажа, пријателите од НАТО, ЕУ и САД.
Сега одговорни за иднината, како што кажа Ахмети, сме ние Албанцитеи од нас зависи како ќе ги насочуваме работите за подобри држави, поорганизирани, понапредни со стандарди кои нас не зближуваат и не обединуваат со Европската унија и НАТО.
– Немаме пречки за напредување, рече, меѓу другото, Ахмети.
Албанскиот амбасадор во Македонија Фатос Река во своето обраќање кажа дека 28 ноември 1912 година е историски ден за албанскиот народ.
– Наша стратешка цел е да бидеме дел од Европската унија и многу блиску сме до оваа цел. Не сме сами на овој успешен пат туку заедно со сите земји од Западен Балкан кои имаат исти стрешки цели. На наша страна е и Република Македонија и за ова што го прави Македонија има целосна поддршка од Албанија, рече Река. Додаде дека односите меѓу Македонија и Албанија се добри и без отворени прашања.
На свеченоста зборуваше и професорот по историја од Приштинскиот универзитет Нури Беџети, а присуствуваа министри во Владата од ДУИ, пратеници и други нивни функционери, градоначалници и други.
Претставници на коалициските партнери на ДУИ од Владата од македонските партии не присуствуваа на свеченоста, а според пратеникот Артан Груби тие не биле поканети. Свеченоста почна со интонирање на албанската химна.