Севернокорејската државна телевизија објави дека ракетното тестирање кое што го изврши Пјонгјанг било на нов тип интерконтинентална балистичка ракета „Хвасон-15“ со дострел до САД.
Балистичката ракета „Хвасон-15“ може да носи нуклеарна боева глава и има дострел до целата територија на САД, а тестирањето било извршено по лична наредба на лидерот Ким Јонг-ун.
Ова е најмоќната ракета на Северна Кореја досега, со оглед на тоа што за 53 минути прелетала 950 километри и достигнала висина од 4.475 километри.
Денеска ќе биде одржан итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за Северна Кореја откако таа земја истрела интерконтинентална ракета. Состанокот е свикан по барање од САД, Јапонија и Јужна Кореја. Јапонскиот премиер Шинзо Абе рече дека станува збор за акт на насилство кој не може да се толерира. Американскиот секретар за одбрана Џим Матис пак изјави дека со последното лансирање Северна Кореја го загрозува светскиот мир.
Најновата ракетна проба на Северна Кореја е сериозна закана за светскиот мир и ја потенцира потреба од интензивирање на санкциите врз Пјонгјанг, изјави претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин.
Тој потенцираше дека Јужна Кореја нема да седи и да чека на провокациите на Северна Кореја и дека ќе работи со САД на зајакнување на сопствената безбедност.
Јужна Кореја изведе и воена вежба само неколку минути откако е забележано лансирањето од Северна Кореја, а Мун посочи дека биле подготвени.