Канцеларијата на британската премиерка Тереза Меј упати критика кон претседателот на САД, Доналд Трамп поради објавување на антимуслимански видео снимки на Твитер. Снимките беа објавени од Твитер профилот на Џајда Франсен (@JaydaBF), потпретседателка на британското националистичко движење Британија Прва, кои Трамп ги ретвитна.
На една од снимките се гледа група луѓе како тепаат момче и го фрлаат од покривот на зграда, на друга муслиман крши статуа на Богородица, а на третата маж за кого се вели дека е муслимански мигрант крвнички тепа холандско момче кое оди со патерици.
Портпаролот на Меј истакна дека „погрешно е тоа што го направи Трамп“.
Британските опозициски политичари побараа од Владата да ја повлече поканата за посета на Трамп на Велика Британија Меј претходно најави дека Трамп ја прифатил поканата да ја посети Велика Британија во јануари, но датумот се уште не е прецизиран.
Трамп денеска повторно преку Твитер, ја повика британската премиерка Тереза Меј да не се занимава со него, туку да се ангажира околу проблемот со радикален исламизам во Британија.