Партијата на грчкото малцинство во Албанија, Партија за заштита на човековите права, по повод 10-ти декември, Меѓународниот ден на човековите права, вчера во Тирана организираше тркалезна маса на тема „Законот за заштита на националните малцинства, де факто, чекор назад за почитување на нивните права”.
Претставниците на малцинствата беа едногласни дека со усвојувањето на „Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија” не се почитуваат правата на малцинствата, ниту се земени предвид препораките на Советот на Европа и побараа меѓународна поддршка, со цел албанската Влада да го измени законот, каде би се прифатиле препораките на малцинствата.
„Премерот Еди Рама нема политичка волја за да ги заштити националните малцинства“, обвини Вангел Дуле, лидер на паријата на грчкото малцинство и пратеник во албанскиот парламент.
Во името на македонската заедница, Васил Стерјовски посочи дека сите малцинства во фазата на изработка на овој закон дале свои предлози, но тие не биле прифатени и се донел закон што не е во духот на препораките на европските институции.
„Очекуваме да бидеме дел и од фазата од изработката на законските одредби со кои ќе се овозможи спроведување на овој закон, но можеме да заклучиме дека најголем дел од правата што произлегуваат од овој закон ќе се применуваат само во малцинските области признати од комунистичкиот режим и со новата територијалната реформа од 2014 година само во три општини Пустец, Дропул и Финиќ, а не на целата територија, додаде Стерјовски.
Тој рече дека не биле прифатени нивните барања за гарантирани места во албанското собрание за малцинствата, матичните служби да издаваат документи каде ќе биде впишана и националноста на секој член од малцинствата, обезбедување образование на мајчин јазик за претставниците на малцинствата во предучилишното, основно, средно и високо образование на целата територија на Албанија.
Учествуваа претставници на грчката, македонската, влашката, ромската и египќанската заедница во Албанија, како и преставници на странските амбасади во Тирана.