Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски побарал од Министерството за правда увид во извештајот на работната група за злоупотребите на АКМИС – системот во највисокиот суд, објави А1 он.
Во петокот, Врховниот суд најави дека денеска ќе одговори на извештајот на Министерството за правда за АКМИС системот, но засега нема никаква реакција, затоа што прво ќе го разгледале делот од извештајот кој се однесува на Врхвен суд, па потоа ќе реагираат на наодите.
Министерот за правда, Биљен Саљии рече дека во Врховниот суд, со промена на годишниот распоред на судии, наместо случаен, се добивал очекуван избор на судии. Не сакаше да ги потенцира имињата на претседателите на судовите кај кои се откриени злоупотреби на процедурите.
Според извештајот, само во Кривичниот суд за две години 10 пати се менувал распоредот на судии, а во Врховен само во септември 2017 распоредот на судии бил сменет 9 пати. Судии што судат кривични предмети биле префрлани во граѓанскиот оддел на Врховниот суд, а за 860 предмети во Кривичниот не бил доделен судија.
Предметите во Кривичниот суд биле доделувани само со јавување на Претседателот на судот во писарницата и со негов потпис.
Во судот не е формирано работно тело за управување со движење на предметите во судовите, не се донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управувањето со движењето на предметите.
Министерот рече дека не бил користен модулот за автоматска распределба на предметите, а распределбата се вршела рачно. Стручен соработник избирал кривичен совет кои судии ќе го реферираат предметот. Биле исклучувани судии од автоматската распределба на предмети и тоа без писмена одлука и без образложена причина.