Во Кривичниот суд продолжува рочиштето за предмет на СЈО наречен „Труст“, а во кој првообвинет е сопственикот на телевизијата „Нова“, Сеад Кочан. Покрај Кочан во овој случај обвинети се и Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ.
Предметот е во доказна постапка.
Кон крајот на ноември, управителот на „Силекс неметали СТ“, Васил Ристовски, како втор сведок во случајот, пред судот призна дека постоела двојна фактура за веќе набавени машини-дампери кои биле неопходни за добивање на тендерот за ископ на јаглен од ЕЛЕМ.
Сведокот Ристовски, овластил еден од обвинетите, Василије Авировиќ да ја води тендерската постапка, иако тој не работел во фирмата. Наредбата за тоа стигнала од Управниот одбор на фирмата мајка, односно „Силекс неметали – Кратово“.
-Дамперите заедно со другите машини ги плативме по фактура од 2007. Фактурата од 2008 беше сторнирана како неважечка. Колку што знам Авировиќ има искуство во постапки со распишани тендери, па затоа бил ангажиран да ја предаде тендерската документација, изјави Васил Ристовски.
Во предметот „Труст“, Специјалното обвинителство товари три физички и три правни лица дека здружени во конзорциум доставиле наводно фалсификувани документи за сопственост на механизација за да добијат тендер на ЕЛЕМ во 2011. Станувало збор за ископ на јаглен во РЕК Битола вреден 17 милиони евра.
За денеска СЈО пред Судот треба да обезбеди исказ и на двајца вештаци.