Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка, Никола Груевски, напиша Фејсбук статус во кој им се обраќа на потенцијалните кандидати за нов лидер на партијата и на членството во пресрет на вонредниот Конгрес закажан за 22 и 23 декември во Валандово. Ова обраќање на социјалните мрежи вели дека е со цел да ги демантира гласините и шпекуалциите дека тој би поддржал или фаворизирал одреден кандидат за претседател на партијата.
„Ја информирам јавноста, a особено партиското членство и делегати на Конгресот дека повеќето од оние личности чии имиња секојдневно се спомeнуваат во медиумите како потенцијални кандидати за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, се мои долгогодишни соработници и пријатели, луѓе со кои, со години заеднички сме работеле и заеднички сме носеле и сеуште носиме одлуки во партијата, а со дел од нив и во Владата, сме делеле и добро и лошо, и со сите нив имам блиски релации, како службени, така и приватни. Затоа, јас не планирам да се мешам во одлуките на делегатите, ниту да им сугерирам кого да поддржат и одберат за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Имајќи предвид дека сите тие беа и сеуште се мои блиски соработници, јас не планирам „да застанам зад еден“, да фаворизирам еден, а на сметка на другите кандидати користејќи го моето влијание како долгогодишен Претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Изборот на Претседател на ВМРО-ДПМНЕ треба да е демократски и да произлегува од длабоката верба кон таа личност на оние кои ќе гласаат и оние кои им ја делегираат таа привилегија – членовите на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Груевски на својот Фејсбук профил.
Тој додава дека секој од можните кандидати чии имиња се споменуваат во медиумите досега има доволно искуство, знаење, визија и капацитет, доколку биде избран од конгресот со сигурност и убедливо да го победи СДСМ и Зоран Заев на следните избори, доколку има рамноправен терен за политичка борба, доколку останат доследни до своите принципи и декларирани ветувања и доколку ја задржат сопствената независност.
„На кандидатите им сугерирам да водат фер внатрепартиски политички натпревар и да внимаваат на достоинството и угледот на противкандидатите, бидејќи изборот ќе заврши за дванаесет дена и потоа секој и е потребен на партијата независно дали како член на раководството, пратеник или било каков соработник или поддржувач со значително искуство и авторитет. Најмногу од се, секој е одговорен да внимава за задржување на единството на партијата, како до, така и по Конгресот“, вели Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ, додава тој, е партија која многумина во овој момент би сакале да ја видат поделена, раскарана и дефокусирана од најзначајните прашања за државата и нацијата. Кандидатите за претседател, а потоа и избраниот претседател имаат голема одговорност во однос на задржување на единството на партијата, а со тоа и нејзината сила, моќ и влијание.