Полициите на Словенија и на Хрватска во соработка со „Европол“ разбија меѓународна криминална група што била вмешана во корупција во спортот и илегално обложување. Нејзините членови се сомничат дека учествувале во лажирање на натпревари во фудбалските првенства во Македонија, во Србија и во Чешка.
Покрај ова, во соопштението на „Европол“ се наведува дека е извршен претрес на 13 куќи и 15 возила на различни локации во Хрватска и во Словенија притоа се уапсени 11 лица. Во акциите се запленети два автомобила, 35 електронски направи, 32 мобилни телефона, 19,650 евра и 38,500 фалсификувани евро-банкноти.
„Мрежата создала илегална интернет платформа со цел да трансферираат големи облози на најголемите обложувалници во Азија“, истакнуваат од европската полиција.
„Европол“ посочува дека истрагата е започната во март оваа година кога во словенечката полиција сфатиле дека организираната криминална група стартувала различни страници во рамки на илегална интернет платформа наменета за обложување на спортски настани во повеќе европски земји.