Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ денеска на вонредниот изборен конгрес што се одржува во Валандово ќе гласаат за нов партиски претседател. Единствениот кандидат за оваа функција е Христијан Мицковски.
Конгресот почна од вчера доцна попладне, а од 544 делегати, присутни се 411 делегати. Со оваа бројка се исполни обврската од членот 18 од партискиот статут, според кој „конгресот може да работи ако се присутни најмалку две третини од вкупниот број делегати“, односно најмалку 363 делегати.
Груевски, пак, пред почетокот на конгресот, изјави дека треба да имаат мирен и транспарентен конгрес, да се донесат мудри и рационални одлуки.
„Потоа треба да се насочиме кон напредна и просперитетна Македонија, а предуслов за тоа е рушење од власт на нашиот политички опонент, СДСМ. Верувам дека работите ќе одат во добар правец“, изјави Груевски.
Мицкоски, рече дека насоките врз кои ќе почива идната политика на ВМРО-ДПМНЕ ако биде избран за претседател на партијата ќе ги образложи денеска пред делегатите на 16 вонреден Конгрес.
Непосредно пред почетокот на настанот во Валандово, двајцата истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ и експонирани пратеници Антонијо Милошоски и Илија Димовски најавија дека „нема да присуствуваат на конгрес во чиј демократски капацитет се сомневаат.“