Стабилни политички партии како ВМРО-ДПМНЕ и како СДСМ, значат и стабилност за Република Македонија. Завршувањето на конгресот на нашиот политички опонент и изборот на нов лидер треба да претставува перспектива и за државата, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
– Очекувам конструктивен процес во Парламентот и критичен осврт од опозицијата. Можам само да му посакам среќа на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и заедно сите да му ја мислиме за Република Македонија, изјави Заев, прашан како го оценува изборот на Христијан Мицковски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Прашан дали има најава за средба со новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека немаат ништо разоварано, но дека првата прилика кога ќе има потреба од средба би прифатил и би поканил.
За тоа дали очекува ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието, Заев рече дека очекува корегирање на одлуката и враќање во Парламентот, заради тоа, како што рече, пред него има многу сериозни прашања за одлучување.
– Учеството на опозицијата е неопходно за да имаме нормални и демократски процеси. Убеден сум дека опозицијата треба да биде составен дел од сето она што значи реформски процес, но и сето она што значи добри перспективи на Република Македонија. Таму каде што ќе успееме да се усогласиме, го очекувам и нивниот глас, таму каде што нема да се согласуваат со власта да бидат критични и против, рече Заев.