Откако во последните денови илјадници демонстранти во повеќе градови во Иран протестираа поради тешката економска ситуација и власта во земјата, денес десетици илјади луѓе се собраа на контра-протест.
Во текот на изминатите денови на протестите против режимот беа убиени 21 лице, 450 лица биле уапсени во Техеран и стотици други во други градови во земјата.
Денешниот контра-протест е поддршка на режимот на власт. Демонстрантите носат транспаренти на кои се осудуваат досегашните протести и се скандираат слогани во корист на ајатолахот Али Хомеини но и извици како “смрт на Америка” или “смрт на Израел”.
Државната телевизија во живо ги пренесува овие протести.
Истовремено ајатолахот Хомеини ги обвини “непријателите” на Иран дека тие ги организирале протестите против власта користејќи ги нивните пари, средства и оружје како и нивните разузнавачки служби за да создадат проблеми на исламскиот режим”.
“Тие чекаат прилика за да инфилтрираат и да му нанесат удари на иранскиот народ”, изјави тој на иранската ТВ.
Вашингтон од своја страна го засилува притисокот врз иранската власт. Амбасадорката на САД во Обединитете Нации (ОН) Ники Хејли вчера побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН во Њујорк и Советот за човекови права на ОН во Женева за да се разговара за “слободата” што ја бара иранскиот народ.
Доналд Трамп ги поддржува анти-режимските демонстранти и неуморно твита. Во еден од последните негови твитови тој напиша дека режимот во Иран е “брутален и корумпиран”.