Камил Штох се наоѓа на „лет“ до историја. По Оберсдорф и по Гармиш Партенкирхен, полскиот ски-скокач триумфира и во Инсбрук, па доколку го повтори тоа и утре во Бишофсхофен ќе стане само втор натпреварувач со сите четири победи на традиционалната новогодишна турнеја „Четири скокалници“. Досега тоа му успеа само на Свен Ханавалд во 2001 година.
На првата од двете станици во Австрија, Штох забележа скокови од 130 метри и 128,5 метри и со вкупно 270,1 бода ги остави зад себе Даниел Андре Танде од Норвешка (129,5 метри и 125 метри) и Германецот Андреас Велингер (133 метри и 126 метри).
Рихард Фрајтаг, лидер во Светскиот куп и второпласиран на новогодишната турнеја, остана без пласман во Инсбрук по падот во првата серија и многу извесно е дека Полјакот ќе успее да ја одбрани титулата во натпреварувањето.