Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик во државата и кој беше донесен од Собранието, според Уставот и парламентарниот Деловник треба да биде потпишан од првиот парламентарец Талат Џафери и претседателот Ѓорге Иванов.
Неизвесно е како ќе постапи Иванов и дали ќе го потпише указот за овој закон, што од Собранието му бил испратен уште вчера, веднаш по донесувањето. Иванов, како што посочуваат од неговиот Кабинет, има рок од седум дена да го потпише указот на законот.
Дилемата за тоа дали претседателот на државата ќе го потпише указот и дали законот ќе го врати со забелешки до Собранието, за што има право предвидено со Уставот и со Деловникот, беше отворена по неговото редовно годишно обраќање во Парламентот во кое кажа дека законот е неуставен и претставува закана по унитарноста на државата.
Претседателот Иванов може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Во тој случај, според членот 75 од Уставот на Република Македонија, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот и доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со Деловникот на Собранието, пак, се предвидува и ако претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно да го разгледа законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на неговото донесување. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот.
Во своето обраќање пред пратениците на 26 декември, Иванов кажа дека Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик, туку тој преставува закана по унитарноста на државата. Законот, според него, го крши Уставот на Република Македонија
Неговата одлука за законот, рече тогаш Иванов, се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Тој, посочи Иванов, мора да биде во согласност со Уставот и усогласен со македонските закони.
– Јас сум претседател на сите граѓани и сакам унапредување на употребата на јазиците на сите заедници, вклучително и на албанскиот јазик, истакна Иванов.
Според него, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Рамковниот договор, каде што се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија.
Собранието на Република Македонија вчера со 69 гласа „за“ го донесе Законот за употреба на јазиците. Законот беше изгласан и со двојно мнозинство, односно за него гласаа 27 пратеници од немнозинските заедници, а еден беше воздржан. На седницата не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои не учествуваат во работата на Парламентот во знак на револт од притворањето на петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април минатата година.
Кои се главните одредби на законот?
– Со законот се предвидува во сите органи на државната власт (централните институции, јавните претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и други институции), службен јазик покрај македонскиот јазик да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Македонија, а различен од македонскиот, односно тоа е албанскиот јазик.
Со тоа се овозможува комуникација и употреба на јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните, а е различен од македонскиот, како службен пред сите органи кои што ја сочинуваат државната власт (Собрание, Претседателот на Република Македонија, Владата, судството, јавното обвинителство), Уставниот суд, Народниот правобранител, изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, полициските овластувања, радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.
– Законот ја регулира и употребата на јазикот од страна на избраните или именуваните функционери ако се во институции чие седиште е во Скопје или општини во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик. Тие во службената комуникација ќе можат да го употребуваат македонскиот јазик и албанскиот јазик во овој случај.
– Пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните (албанскиот јазик), на седница на Собранието и на седници на работните тела може да зборува и на албански.
– И седниците на Владата, на комисиите, како и на генералните колегиуми, доколку со нив претседава избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик а кој јазик го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, ќе може да ги води на тој јазик и писмо.
– Стенограмите од седница на Собранието и од седници на работни тела, како и од другите материјали и документи се издаваат и се чуваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.
– Институциите се обврзани по службена должност да обезбедат употребата, комуникацијата и постапките да се одвиваат на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку граѓанинот зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија.
– Веб страниците на институциите и содржината на веб страниците покрај на македонски, задолжително ќе се објавуваат и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 од граѓаните во Република Македонија.
– Називите на институциите како и сите други институции и нивните подрачни единици во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и во Скопје, ќе бидат напишани на македонски јазик и на албански јазик. Ќе се пишува најгоре македонски јазик а под него и на албански.
– Книжните и кованите пари, како и поштенските марки, согласно законот, ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и на албанскиот јазик. Истото важи и за поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите, бандеролите.
– Судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување на санкции, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, ќе се применуваат на македонски и албански јазик. Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки ќе се издаваат на македонски јазик и на албански јазик.
– Униформите на полицијата, пожарникарството и здравството во Скопје и во општините каде живеат 20 проценти Албанци, исто така ќе бидат двојазични.
– Законските одредби предвидуваат за граѓаните кои зборуваат албански јазик образецот на личната карта да се печати и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.
– На граѓаните кои зборуваат албански јазик на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат на личната карта и во пасошот се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.
– Седниците на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии во Скопје и единиците на локална самоуправа во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, при спроведување на изборите во работата и постапките на сите комисии и други тела и институции подеднакво се користат, употребуваат и применуваат македонскиот јазик и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.
– Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, како и во Скопје се пишува на македонски јазик, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните.
– На граничните премини на Република Македонија и аеродромите кои се наоѓаат на подрачјата каде најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик ќе пишува на македонски јазик и на албански јазик.
Се предвидува и формирање Инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда, а предвидена е и казна во износ од 4.000 до 5.000 евра за органите како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон.