Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас наредната среда ќе се сретнат во Давос, Швајцарија, по новата рунда разговори за името во посредство на медијаторот Метју Нимиц.
На средбата ќе се разговара за имињата ставени на маса за решение на спорот, како и текот на работите што треба да ги направат работните групи, предводени од министрите за надворешни работи.
По последната рунда преговори во Њујорк, Заев и Ципрас ќе имаат можност да разговараат и за неодамнешната посета на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Македонија.
Медијаторот Нимиц по средбата со претставниците на двете земји одби да ја коментира содржината на предлогот кој им го дал на преговарачите.
– Имам големи надежи дека овој процес се движи во позитивна насока, изјави Нимиц по разговорите со Васко Наумовски и Адемантиос Василакис.
По ова следеше изјавата на Наумовски, дадена без консултација со македонската Влада. Тој рече дека решението било далеку од достоинствено, по што Владата реагираше дека по внимателна анализа на рамката на Нимиц што ја презентирал пред преговарачите во Њујорк, согласно значењето на прашањето за државните интереси, ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Република Македонија.
Оптмизмот за решение беше нагласен и од македонскиот премиер и од неговиот грчки колега.
– Јас сум оптимист, верувам дека помеѓу две земји, кои се пријатели и имаат намера да бидат уште поблиски, ќе се изнајде решение каде ќе се сочува достинството на двете страни, а ќе биде придобивка за граѓаните на двете земји, рече Заев неодамна.
Тој забележа дека за суштината на разговорите, предлозите, рамката што е испорачана не би требало јавно да се зборува за да не се уништат шансите во преговорите.
– Гледате дека се води транспарентен процес, сакаме национален консензус да го изградиме решението и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат, убеден сум дека ако бидеме внимателни, па и да водиме сметка и за грчката страна ќе најдеме решение за ова прашање што не измачува 25 години, изјави тој.
Според Ципрас пак, отворен е прозорец од можности за решавање на спорот стар над две децении.