Германските социјалдемократи денеска поддржаа почеток на официјални разговори со конзервативците на канцеларката Ангела Меркел за формирање влада.
На вонредниот конгрес во Бон, Германската социјалдемократска партија (СПД) одлуката ја донесе со релативно мало мнозинство – 362 гласа „за“, 279 „против” и еден „воздржан“, јавија локалните медиуми.
Германија со ова се доближува еден чекор поблиску до стабилна влада по четири месеци политичка несигурност која беше последица од нејасниот исход од парламентарните избори во септември, коментираат познавачите на приликите.
Официјалните разговори меѓу СПД и конзервативниот блок на Меркел се очекува да почнат следната недела.
Германската канцеларка Ангела Меркел вчера изјави дека е оптимист дека Социјалдемократската партија на Германија (СПД) ќе одобри почеток на официјални коалициски преговори со нејзините конзервативци.
Лидерите на германските демохристијани и социјалдемократи, по маратонски преговори на почетокот од месецов постигнаа прелиминарен договор за формирање влада на Германија со кој, покрај другото, се предвидува јакнење на ЕУ пред сè преку соработка со Франција на јакнење на еврото, додека проширувањето на ЕУ не се спомнува експлицитно.