Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ досега поднела 70 амандамни за законот со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик, а колкав ќе биде вкупниот број, според Влатко Ѓорчев, ќе зависи од одговорот на владејачкото мнозинство за нивните барања за повлекување на текстот и за дијалог.
Ѓорчев на прес-конференција во Собранието кажа дека тие се подготвени да разговараат за законот, за кој сметаат дека треба да биде донесен со консензус. Смета дека текстот на законот треба да биде подготвен преку дијалог, што ќе значи унапредување на правата не само на албанскиот јазик, туку и на јазиците на помалите заедници, и истовремено ќе биде согласно Уставот.
– Да се формираат работни групи, да се консултира експертската јавност, да се видат меѓународните искуства. Ние сме подготвени да дискутираме за зголемен опфат и употреба на јазиците во Република Македонија. Истовремено не сакаме да се носат решенија што се набрзина подготвени. Не е добро само во име на формирање на некоја коалиција во кус рок да се прават закони што се лоши, недоречени и кои огромен број луѓе не знаат како да ги применуваат, ниту, пак, да ги разберат, рече Ѓорчев.
Ѓорчев рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува во Собранието само во делот што ќе се однесува на Законот на јазиците.