Шпанија е победник на 13. Европско ракометно првенство што вечерва заврши во Хрватска. По четирите неуспешни обиди, „фуријата“, конечно, го запоседна континенталниот трон по победата во финалето против Шведска со 29:23.
Мечот за титулата во Загреб донесе два различни дела. Воведното, играчки, беше речиси израмнето иако Швеѓаните понесоа два гола залиха на одмор (12:14), продолжението во целост им припадна на Шпанците кои понесени и од одбраните на Арпад Штербик направија серија за комплетен пресврт и до крај не дозволија никаква неизвесност и враќање во игра на противникот.
Балагер и Соле беа први стрелец во тимот на Жорди Рибера со пет гола, Душебаев, Арино и Ентрериос постигнаа по четири. Нилсен беше најефикасен во поразената селекција со пет гола.
Шпанија играше во финале и на претходното ЕП во Полска во кое загуби од Германија. Покрај, засега, единствениот континентален трофеј, „фуријата“ има и два од Светските првенства во 2005 година и во 2013 година.
Шведска, пак, играше за петтата титула европски првак. Последната ја освои во 2002 година на шампионатот на кој беше домаќин, а вечерва го освои четвртото сребро на завршните турнири.
Претходно во меч за третото место Франција ја порази Данска со 32:29.