Од утрово повторно стапија во сила итните мерките против аерозагадувањето во Скопје, соопшти денеска градоначалникот Петре Шилегов.
– Јавниот превоз од денеска е бесплатен. Оставете ги автомобилите и возете се со јавниот превоз, рече Шилегов на форумот „Иден развој на урбаната мобилност“.
Овие мерки стапуваат на сила, доколку два дена по ред загадувањето е далеку над дозволените граници на микрочестиците.
Градот Скопје денеска ги објави итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот по добиеното известување од Министерството за животна средина дека прагот на алармирање за ПМ 10 честичките е надминат во текот на изминатите два дена.
Во сила стапуваат бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници и се прекинуваат сите градежни активности на градилиштата, што се под надлежност на градот. Се интензивира и контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
Службените возила на Град Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат, а се апелира до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со јавен превоз.
Апелот е и граѓаните да не ги користат возилата без потреба и повеќе лица да се возат во едно возило. За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали.