Министерството за транспорт и врски соопшти дека на превозникот АД Македонија Сообраќај, пред три години му е одземена дозволата за превоз на патници на линијата Скопје Солун, поради нередовно одржување на возната линија и непочитување на Одредбите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај.
Информацијата доаѓа откако некои медиуми објавија дека од викендов АД Македонија Сообраќај одлучи времено да ја прекине линијата Скопје – Солун, а тоа го направил и нивниот грчки партнер.
Од Министерството велат дека во период на водење на жалбената постапка, важноста на дозволата била продолжувана бидејќи решението за одземање на дозволата не било правосилно, а дозволите важеле до 31.01.2017 година. По тоа превозникот АД Македонија Сообраќај не аплицирал за нова дозвола.
– Во овој момент тече жалбената постапка пред Управниот суд и се додека се води управната постапка Министерството за транспорт и врски согласно законските прописи не може да преземе дејства. Партнер фирмата од Грција редовно ја одржува линијата Скопје-Солун, а аплицираше и за продолжување на важност на дозволата и ги има исполнето сите законски услови за тоа, соопшти Министерството за транспорт и врски.