Под силно полициско обезбедување денеска во Брисел почнува судењето на Салех Абдеслам за терористичките напади во 2015 година во Париз. Абдеслам е единствениот преживеан осомничен за нападите во Париз, во кои загинаа 130 луѓе, а стотици беа повредени.
Салех Абдеслам беше уапсен во Брисел, четири месеци по нападите во Париз. Обвиненијата против него, сега, не се однесуваат за нападите во Париз, туку за престрелката со белгиската полиција за време на неговото апсење, јавува Би-Би-Си.
Абдеслам влезе во судот придружуван од двајца маскирани полицајци. Во воведното судење, Абдеслам и осомничената соучесничка во нападите, Софиан Ајари, ќе се соочат со обвиненија за нелегално поседување на оружје и обид за убиство на полицајци. Доколку судот го прогласи за виновен, на Абдеслам му се заканува казна затвор од 40 години.
Меѓу напаѓачите, беше и братот на Абдеслам, Брахим, кој загина разнесувајќи се себе си пред едно кафуле.
Француските обвинители веруваат дека Салех Абдеслам, имал клучна улога во нападите, но тој одби да соработува со истражните органи. Не се очекува да се појави пред судот во Франција се до 2020 година.
По нападите, Абдеслам стана најбараниот човек во Европа, кој беше најден додека се криел во дистриктот Моленбек во Брисел, каде и се наоѓал неговиот дом. Французин, роден во Брисел од родители со мароканско потекло, Абдеслам се наоѓаше во затвор близу Париз.