И официјално на Галичица нема да се гради ски центар, ниту други инфраструктурни проекти во заштитената зона на националниот парк, за да не се загрози статусот на Охридскиот регион кој е прогласен за светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО.
Владата вчера преку соопштение објави дека ги прифатила препораките на мониторинг мисијата која уследи по одлуката на Комитетот за светско наследство усвоена на 41-та сесија одржана минатата година во Краков, Полска, и го задолжи Министертвото
за култура во рок од десет дена да ја извести светската организација за преземените итни мерки за зачувување на УНЕСКО статусот на Охрид.
Итните мерки за зачувување на статусот на „Светско наследство на УНЕСКО“ на Охрид како што објави Телма се следните:
-Трајно откажување на плановите за изградба на проектот за ски центар на Галичица, одржување на постојното зонирање;
-Трајно откажување на плановите за изградба на под – секциите (а) и (е) од патот А3 и откажување на изградба на други под секции на патот А3;
-Започнува процесот на Стратегиска оцена на животната средина (СЕА) за Планот за управување со Охридскиот регион (2016-2025);
-Формирана е Комисија за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, која што веќе го имаше својот прв состанок на први овој месец.
Како што беше наведно во извештајот, УНЕСКО бара и стопирање на процесот на легализација на бесправно изградените објекти во заштитени зони во охридско, сè додека не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти, како и ригорозна примена на законите за да се спречи секакво нелегално градење.