Светската атлетика има нов рекордер во трките на 60 метри во сала. Најдоброто време во дисциплината од последните две децении го подобри Кристијан Колман (21) кој на националното првенство во Албукерки, Ново Мексико, ја истрча делницата за 6,34 секунди што е за пет стотинки побрзо од Морис Грин од Мадрид во 1998 година.
„Во трката влегов само да победам. Вложив доста во стартот и се чувствував одлично за време на трката“, рече Колман.
Колман со ова се потврди како нова атлетска ѕвезда, откако на ланското Светско првенство во Лондон заврши како втор на 100 метри зад сонародникот Џастин Гетлин, а пред молњата од Јамајка, Јусеин Болт.