Нови моменти околу смртта на Давиде Астори. Италијански „РАИ Спорт“ објави дека е отворена истрага поради сомнеж за убиство на капитенот на Фиорентина и репрезентативец на „азурите“.
„Отворивме истрага против непознат сторител поради сомневање за убиство од небрежност на Давиде Астори“, истакна Антонио ди Николо, јавен обвинител од Удине, на денешната прес-конференција.
Астори, вчераутро, беше пронајден мртов во хотелска соба во Удине во пресрет на натпреварот со Удинезе што требаше да се одигра попладнето од 15 часот. Неговото безживотно тело го пронајде физиотерапевтот на „виолетовите“ од Фиренца кои отседнаа во „Ла ди Морет“ во карантин пред настапот на „Дачија арена“.
„Чудно е да се случи ваква смрт кај еден професионалец. Не постојат никакви знаци дека имал проблеми со срцето. Засега не обвинуваме никого. Ова е само вообичаена процедура“, додаде Ди Николо кој ги истражи сите кои имале контакт со Астори до фаталниот момент.
Набрзо по осознавање на трагичната вест, Фиорентина со жалење ја потврди ненадејната смрт на својот капитен.
„Длабоко сме потресени и принудени да објавиме дека почина Давиде Астори“, стоеше во клупско соопштение на екипата од „Артемио Франки“.
„Виолетовите“ истакнаа дека Астори починал во сон, но дека причините се непознати. Стоперот на Фиорентина на 7 јануари го прослави 31. роденден. За националниот тим забележа 14 настапи во кои постигна и еден гол со кој Италија го освои третото место на Купот на конфедерации во 2011 година. Беше дел од експедицијата на „азурите“ и при нивното гостување во Скопје против Македонија во квалификациите за Светското првенство во Русија ова лето.