Кои ќе бидат претставниците од Врховниот суд и од Адвокатската комора што ќе учествуваат во Советот за имплементација на реформите во правосудството се уште не е дефинирано, тврди портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Засега, од имињата кои што ќе учествуваат во ова тело, со кое лично ќе претседава премиерот Зоран Заев, се министерот за правда, Билен Саљији, неговиот заменик, Оливер Ристовски, државниот јавен обвинител, Љубомир Јосифоски, специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, народниот правобранител, Иџет Мемети, претседателот на Здружението на судии, Џемаил Саити, професорката од правниот факултет „Јустинија Први“, Гордана Лажетиќ и нејзината колешка, професорката од Универзитетот на Југоисточна Европа, Беса Арифи.
Допрва, според Бошњаковски, ќе треба да се одреди кои имиња ќе ги претставуваат Врховниот суд, четири Апелациски судови во земјава и Основниот суд Скопје 1, Адвокатската комора и од граѓанскиот сектор.
Портпаролот на Владата, на денешната прес-конференција на која ги презентираше одлуките од вчерашната 57 седница на Владата, не одговори конкретно на прашањето зошто во Советот не се вклучени Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.
„Целта е во ова советодавно тело да учествуваат практичари и неговиот состав е правен многу внимателно. Основната интенција е овие членови да бидат практичари кои ќе можат да влијаат Стратегијата за правосудството да биде соодветно имплементирана“, рече Бошњаковски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Тој изјави дека ова тело ќе почне со работа наскоро, а имињата на претставниците од судовите ќе се бираат во координација меѓу Владата и овие институции.