Мартина Навратилова со јавни забелешки на сметка на „Би-Би-Си“. Во основа на критиките на деветкратната шампионка на Вимблдон кон британскиот јавен сервис е различното вреднување на нејзиниот ангажман и на Џон Мекинро за време на неофицијалното светско тениско првенство во Лондон.
„Разликата е шокантна. Мекинро добива 150,000 фунти (околу 210,000 американски долари). Јас земам околу 15,000 фунти (околу 21,000 американски долари)“, истакна Навратилова во емисијата „Панорама“ на „Би-Би-Си“.
Иако вимблдонската „тезга“ е како работа со скратено работно време за натурализираната Американка со чешко потекло, сепак, не е фер да биде дотолку помалку платена од нејзиниот машки колега. Па, вели, дека ако тоа се случува со неа, тогаш сигурно и другите жени, исто така, мора да се соочуваат со диспаритет.
„Знаете, ова е привремена работа која трае две недели од мојот живот. Но, за жените што работат со полно работно време, разликата можеби и не е голема, но кумулативно се собира во животот“, додава сопственичката на 18 гренд слем трофеи во поединечна конкуренција.
„Би-Би-Си“: Полот не е фактор
Забелешката предизвика реакција од „Би-Би-Си“. Негови претставници нагласуваат дека споредбата не е во ред од причина што Мекинро е трипати повеќе во етер од Навратилова и, на крајот на краиштата, двајцата имаат различни типови на договори.
„Џон и Мартина имаат различни улоги во тимот. Улогата на Мекинро е со различен степен, компетентност и посветеност. Тој е обврзан да биде на стенд бај за време на целиот турнир. Полот не е фактор во случајот“, стои во соопштението на „Би-Би-Си“.
Навратилова е согласна со ставот на „Би-Би-Си“ дека Мекинро е повеќе време во етер од неа, но…
„Десет пати повеќе? – Не мислам така“, возврати Навратилова.
Таа нагласи оти била убедена од „Би-Би-Си“ дека мажите и жените биле платени подеднакво за истата работа. Затоа додава дека „не им била кажана вистината“ и порача дека во британскиот јавен сервис требале да „направат подобро“ за запазување на половата еднаквост.
Минатото лето „Би-Би-Си“ ги откри платите на ѕвездите и водечките новинари пришто беше лесно воочливо дека жените се многу помалку платени. Јазот на заработувачка меѓу мажите и жените беше честа тема во медиумите во изминатите месеци. Во јануари оваа година излезе извештај дека актерката Мишел Вилијамс инкасирала помалку од еден отсто за разлика од ѕвездата Марк Валберг кој за повторени снимања на сцени во филмот „Сите пари во светот“ доби 1,5 милиони американски долари. По острата критика во јавноста, Валберг изјави дека средствата ќе ги донира во Фондот за заштита на правата на жртви на разни видови на мобинг на работното место.