На денешното рочиште за „Поткуп“во кој обвинет е премиерот Зоран Заев, треба да биде пуштена целосната снимка од ПИМ мерките.
Судијата Дарко Тодоровски на минатото рочиште го прифати барањето на Заев и неговите адвокати снимката да биде пуштена на рочиште на кое ќе биде присутна и јавноста.
Минатото рочиште за „Поткуп“ беше одложено затоа што во Судот немаше техничка можност за презентација на ваква снимка.
Заев и неговите адвокати побараа од Судот да не се исклучува јавноста кога ќе се гледа снимката во судница, бидејќи само јавна презентација на целосната снимка ќе може да врати дел од изгубената чест и углед на премиерот.
Дел од снимката за време на изборната кампања се појави на јутјуб, а потоа и на медиуми блиски до тогашната владејачка партија ВМРО ДПМНЕ, како „доказ“ дека Заев барал мито додека бил градоначалник на Струмица.
Како премиер и претседател на СДСМ, како што рече Заев, бара снимката да биде транспрентно до крај и јавно презентирана за да можат граѓаните да имаат свој впечаток за тоа што се случувало и за што всушност се разговарало.
Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.
Денеска треба да сведочи Сачевалиев, кој досега не се појавуваше на рочиштата.