Илјадници луѓе протестираат во сибирскиот град Кемерово, лути на руските власти за пожарот во трговскиот центар во кој загинаа најмалку 64 лица, од кои 41 дете.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно пристигна во Кемерово и обвини дека причината е “криминалната негрижа”.
Роднините тврдат дека се уште се исчезнати 85 луѓе, повеќето од нив се деца, објави новинската агенција Интерфакс.
Инспекторите велат дека алармот за пожат бил исклучен, а излезот бил блокиран.
Неколку илјади луѓе се собраа пред седиштето на локалната власт во Кемерово денеска, барајќи оставки од официјалните лица поради недостатоците во безбедноста кои доведоа до пожарот и до жртви. Некои извикуваа и “Путин да поднесе оставка”.
Една жена во толпата која била сведок на трагедијата рече дека децата ги повикувале своите родители, барале помош, барале противпожарни возила.
Заменик-гувернерот на регионот Сергеј Цивилев клекнал на колена пред насобраните барајќи прошка, за што беше поздравен со аплауз од насобраните.
Причината за пожарот се уште не е позната, но рускиот Истражен комитет посочи на “сериозни прекршувања” во однос ан безбедноста во трговскиот центар.
Утре е прогласен Ден на жалост во цела Русија поради трагедијата.