Владата во моментов нема никаков одговор од Москва во врска со тоа дали ќе воведе некакви реципрочни или други мерки, како одговор на одлуката на македонските власти да протерат руски дипломат, поради случајот Скрипал.
– Во моментов нема ништо ново, нашата одлука вчера ја објаснија министерот за надворешни работи Никола Димитров и премирот Зоран Заев и сметаме дека се запазени дипломатските процедури и согласно Виенската конвенција е постапено онака како што налагаат законите во Република Македонија, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.
МНР во понеделникот соопшти дека протерува руски дипломат, во консултација со сојузниците од ЕУ и НАТО и во знак на солидарност со Велика Британија поради случајот Скрипал.
Единствената руска реакција беше истата вечер од Руската амбасада на Твитер.
– Владата донесе одлука да протера руски дипломат. Целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна, објави руската амбасада на Твитер.
Шефот на дипломатијата вчера рече дека дипломатот „излегол од рамката на својот дипломатски мандат“, додека премиерот Заев пак, истакна дека протерувањето на дипломатот не би требало да влијае на односите со Москва. Претседателот Ѓорге Иванов оцени дека одлуката на македонското МНР е избрзана.