Белата куќа нареди замрзнување на 200 милиони долари наменети за реконструкција на Сирија, објави Вол Стри Џурнал ден по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп во која тој најави дека Американците “многу брзо” ќе се повлечат од оваа земја.
„Сега други нека се грижат за неа. Многу брзо ние заминуваме. Ќе се вратиме во нашата држава каде што припаѓаме и каде сакаме да бидеме“, рече американскиот лидер.
Официјалните лица на американската влада кои дадоа изјава за Ројтерс, под услов на анонимност истакнуваат дека говорот на Трамп ги рефлектира неговите разговори со советниците. Тој се прашува зошто американските сили треба да останат во Сирија сега кога милитантите се пред целосен пораз.
Рекс Тилерсон, поранешниот американски државен секретар, вети дополнителни 200 милиони долари помош во февруари за време на состанокот на глобалната коалиција против милитантите на Исламската држава што се одржа во Кувајт. Но Трамп одлучи да се раздели од него и Тилерсон се повлече од оваа функција.
Трамп во четвртокот изјави дека САД потрошиле 7.000 милијарди долари на Блискиот Исток и запраша: “Знаете ли што од тоа добивме? Ништо”, рече Трамп кој ветува дека од буџетот ќе финансира нови работни места и инфраструктура во САД.