Екс каталонскиот лидер Карлес Пучдемонт, ја повика денес владата на Шпанија да “започне дијалог” за прашањето на независноста на Каталонија и побара ослобдување на каталонските политичари кои се во затвор во Мадрид.
“Дојде време за дијалог”, изјави тој на излегување од затворот во Неуминстер во Германија каде што беше затворен десет дена.
“Шпанските власти немаат ниту едно оправдување за да одбиваат дијалог. Со години бараме дијалог а како одговор добивме насилство и репресија”, изјави тој.
Барајќи ослободување на деветмината каталонски политичари Пучдемонт изјави дека во “денес во Европа е срамота да има политички затвореници”.
Германската правда условно го ослободи Пучдемонт со кауција од 75.000 евра и тој сега ја очекува одлуката на германскиот суд за негова екстрадиција во Шпанија на барање на шпанската правда. Германскиот суд го ослободи условно Пучдемонт отфрлајќи го шпанското обвинување за бунт поради организирање референдум. Германија ќе го разгледува второто обвинување за финансиски малверзации во организирањето на референдумот, обвинување кое подлежи на помалку строга казна. Одлуката на германскиот суд се очекува во наредните седмици.