Предметот со барањето за изземање на Судечкиот совет во случајот „ТНТ“ стигнал во Врховниот суд вчера, но некомплетен, потврдија за НОВА од Врховен.
„Барањето за изземање за кое баравте информација е примено во Врховниот суд на Република Македонија вчерра во 14.35 часот. Бидејќи предметот не е комплетен, денес е доставено писмо до Основниот суд Скопје 1 со барање истиот да се докомплетира. Кога ќе биде комплетиран предметот ќе се одлучи по барањето за изземање во постапка согласно Закон“, стои во одговорот од Врховниот суд.
Од Кривичниот суд велат дека ќе постапат согласно упатствата на Врховен.
За изземањето на Судечкиот совет кој постапува во „ТНТ“ ќе одлучува Врховниот суд бидејќи одбраната побара од одлучување да бидат изземени и претседателите и замениците-претседатели на Кривичниот и на Врховниот суд.
Барањето беше поднесено на рочиштето за „ТНТ“, што се одржа во четвртокот, минатата недела од страна на адвокатот Еленко Миланов, кој е еден од адвокатите на Никола Груевски, обвинет во случајот за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.
Минатонеделното рочиште беше одложено токму поради барањето за изземање на судиите, а следното треба да се одржи на 13 април, односно утре. Неизвесно останува дали Врховен ќе донесе одлука, пред почетокот на утрешното рочиште, на кое треба да се слушаат прислушуваните материјали, односно „бомбите“ за уривањето на „Космос“.
Инаку, одбраната на Груевски, освен во „ТНТ“, побара изземање и на Судечките совети кои ги водат случаите „Тенк“ и „Титаник“, како и на претседателите и замениците-претседатели на Кривичниот и на Апелацискиот суд.
Изземањата се бараат бидејќи, како што велат адвокатите, специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во телевизиско интервју на 23 март кажала дека дел од судиите биле прислушувани или ги имало во „бомбите“.
По завршувањето на денешното рочиште за „Титаник“, прашан дали ќе бараат изземање на судиите од сите предмети, Груевски рече дека се што прават е согласно препораките на адвокатите.
На одлучување пред Врховен најверојатно ќе оди и барањето за изземање на судиите и во овој предмет поднесено исто така од адвокатот на Груевски, Еленко Миланов.
За разлика од „ТНТ“ и „Титаник“, Судечкиот совет во случајот „Тенк“, со кој претседава судијката Добрила Кацарска, на рочиштето пред два дена реши да го отфрли барањето на адвокатот Димитар Дангов за изземање на советот и на претседателите и на замениците-претседатели на Кривичниот и на Апелацискиот суд.
Кацарска, го отфрли барањето на Дангов како недозволено, повикувајќи се на член 35 став 5 од Законот за кривична постапка, според кој „за претседателот на судот не може да се поднесе барање за изземање, освен кога тој постапува како судија, а за неговото изземање одлучува претседателот на непосредно повисокиот суд.