Одбраната на обвинетите во случајот „Траекторија“ на СЈО на денешното рочиште побара изземање на судечкиот совет кој постапува по предметот, на претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев и на судии од Апелацискиот суд Скопје.
Адвокатот Еленко Миланов рече дека изземањето се бара поради информации изнесени од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во телевизиско интервју дека во прислушуваните разговори со кои располага СЈО има и судии.
Од истата причина одбраната на обвинетите бараше изземање на судечките совети и на раководствата на Кривичниот и на Апелацискиот суд во уште неколку предмети на СЈО.
Претседателот на судечкиот совет Горан Бошевски, кажа дека барањето за изземање на Џолев и на судии од Апелација е неосновано и затоа се отфрла. Барањето, пак, за изземање на членовите на судечкиот совет ќе биде доставено на одлучување до претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев.
За вакво барање претседателот на Судот треба да донесе одлука најдоцна за три дена.
Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, кои денеска дојдоа во Кривичниот суд.
Тие се товарат дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Според СЈО, со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.
Адвокатите, пак, тврдат дека ќе докажат оти со околностите и податоците со кои располагале обвинетите при носење на одлуките не е направено противзаконско дејствие.