Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас утре ќе има средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата во Брисел.
Средбата, која е најавена од прес-центарот на НАТО, доаѓа непосредно по денешната рунда преговори за прашањето за името меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас во Виена.
Како што јавуваат грчките медиуми, Столтенберг и Коѕијас ќе разговараат за прашањето за името меѓу Македонија и Грција, за грчко-турските односи и за случајот со двајцата грчки војници што се наоѓаат во турски затвор.
Коѕијас, во интервју за грчкото радио 247, неодамна рече дека на следниот НАТО самит во јули, Македонија не може да стане членка на Алијансата, бидејќи е краток временскиот рок.
Тој додаде дека дури и да се постигне договор, нема доволно време за да се заврши целата процедура.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува исчекор од денешната средба во Виена на шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција со медијаторот Метју Нимиц.
Како што рече, верува во двајцата министри за надворешни работи, а и тој самиот е оптимист.
-Продолжувам јас со оптимизмот, верувам дека креативноста на двајцата министри, тимовите кои што се позади нив, а верувам и дека и јас во моментот, а и Ципрас од друга страна даваме добра поддршка и охрабрување за да се изнајдат навистина конструктивни и креативни решенија кои што буквално ќе ги задоволат и двете страниво нивните очекување, а притоа како што рековме достоинствено ќе с еоднесуваат и за двете земји и за граѓаните на двете земји, рече Заев.
Грчките медиуми денешната средба во Виена ја карактеризираат како клучна и решавачка.
Новинарите кај јужниот сосед, потсетуваат дека разликите остануваат непроменети, а тоа се грчкото барање за ерга омнес, односно име за севкупна употреба и уставна ревизија.
– Господата Коѕијас, Димитров и Нимиц ќе ги разгледаат сите прашања што се веќе договорени на досегашните одржани преговори и ќе ги одвојат темите „трнови“ што уште ги држат далеку Атина и Скопје. Како основен „трн“ се појавува опсегот на употреба на новото име, бидејќи Атина инсистира на име за севкупна употреба и за сите, додека пак ПЈРМ преферира „двојно име“, односно име за меѓународна употреба и задржување на уставното име за употреба во внатрешноста, објавува грчкото радио „Атина 984“, пренесе МИА.