Генералниот секретар на НАТО Столтенбер денеска изјави дека секоја земја има право да го одреди својот пат, коментирајќи ја изјавата на амбасадорот на Руската федерација во Македонија Олег Шчербак дека земјата доколку стане членка на НАТО би била „легитимна цел“ во случај на конфликт меѓу Русија и Алијансата.
„Прво мислам дека е важно правото на секоја нација да одлучи за сопствениот пат и безбедносните договори. Ова е фундаментален принцип за НАТО. Но, и Русија се заложи за овој принцип во повеќе договори како што е Хелсиншкиот договор од 1974-те години и други документи. На Скопје е да одлучи за сопствениот пат и дали сака да се приклучи кон НАТО. Македонија и 29-те сојузници на НАТО одлучуваат за тоа и никој друг нема збор во овој процес. Целата идеја дека Русија нема да прифати одредени земји да станат членки на НАТО е идеја на сфери на влијанија каде големите сили ги контролираат помалите држави и тоа е во контрадикција со се за што НАТО се залага“, изјави Столтенберг на прашање на МИА.
Во однос на спорот за името, Столтенберг кажа дека се надева дека Скопје и Атина ќе најдат компромисно решение околу спорот.
„Неодамна разговарав со премиерот Зоран Заев, како и со премиерот Алексис Ципрас и се надевам дека дијалогот што се води може да доведе до взаемно прифатливо решение за името за да може да се активира поканата за членство на поранешната југословенска Република Македонија“, изјави Столтенберг.
Денеска со генералниот секретар на НАТО ќе се сретне шефот на грчката дипломатија Коѕијас.
Според грчките медиуми, постигнувањето на договор за решавање на спорот за името е „ тешко остварливо“.
Катимерини, по вчерашната средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Виена, пишува дека двете страни се несигурни во однос на барањето на Грција, Скопје да се одлучи за име кое ќе се користи и за внатрешна и за надворешна употреба, како и одбивањето на Македонија да го промени уставот.
„Иако климата е многу позитивна, јасно е дека за да постои деблокада на актуелната ситуација, власта во ПЈРМ ќе треба да донесат сериозни одлуки за спорните прашања кои во фокусот го имаат ерга омнес. Се чини дека за раководството во соседната земја, употребата на новото име во внатрешноста е особено тешка работа, како и ревизијата на Уставот. Сепак, постои напредок во поединечни прашања што се однесуваат на конкретната тема“, пишува „Катимерини“.
Медијаторот во спорот за името Нимиц, даде кратка изјава во која рече дека двете страни се посветени на изнаоѓање на решение за спорот и преговорите за ова праашње ќе продолжат наредните недели.
Двајцата шефови на дипломатиите Димитров и Коѕијас ќе се сретнат уште два пати во следните 20 дена. Следната средба ќе биде во Солун на 3-4 мај во рамки на самитот помеѓу Грција, Албанија, Македонија и Бугарија, а на 11-12 мај Коѕијас и Димитров ќе се сретнат на Самитот на балканските држави.
Утре на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО членките во Брисел, ќе се разговара за Македонија, Босна и Херцеговина и Грузија покрај начините како да се продолжи дијалогот со Русија и да се зголеми процентот кој ќе се издвојува од националните буџети за одбраната.