Предизвикувачот Работнички и бранителот на титулата МЗТ Скопје имаат водство со 1:0 против Куманово, односно, Блокотехна во полуфиналните серии од плеј-офот во кошаркарскиот шампионат на Македонија.
Тимот од Градски парк, кој заврши како лидер на табелата по основниот дел на сезоната, забележа убедлив триумф над кумановци, на домашен терен, со 101:72 (по четвртини: 25:29, 27:14, 21:16, 28:13). Исходите по четвртини даваат јасна слика за односот на силите на терен. Гостите имаа сили да парираат само во воведниот период додека останатите три беа „дебело“ на страна на фаворизираниот состав под водство на екс селекторот Марин Докузовски.
Дабл-дабл ефект имаше Шон Еванс. Еден од двајцата Американци во Работнички забележа 19 поени и 10 скока, три повеќе од неговиот сонародник Маркус Гињар и Бугаринот Чавдар Костов. Најизразен лик мешу кумановци на теренот беше Бранислав Ѓекиќ со 14 коша и пет скока, по 12 реализираа Бобан Стаиќ и Мирко Ковач.
Вториот меч меѓу овие две екипи е во сабота во Куманово.
Синоќа, пак, МЗТ Скопје, како домаќин, ја победи Блокотехна со 80:74 (по четвртини: 23:17, 22:22, 12:19, 23:16). Марко Симоновски со 27 коша беше најефикасен во натпреварот во кој „штрковите“ постигнаа 17 тројки. Неговиот колега од репрезентацијата на Македонија, Стојан Ѓуроски беше најпрецизен во поразениот состав со 21 поен. Возвраниот дуел е утревечер во Гевгелија.
Кошарка, плеј-оф, полуфинале
Работнички – Куманово 101:72 (1:0)
МЗТ Скопје – Блокотехна 80:74 (1:0)
Полуфиналните серии се играат до две победи