Кривичниот совет одлучи да му ја укине мерката куќен притвор за градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко кој понудил гаранција во недвижен имот. Тој е обвинет во случајот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности.
„Кривичниот совет постапувајќи по предлог на одбраната на обвинетиот Е.Т. обвинет во предметот означен како „Титаник“, донесе решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката куќен притвор со понудена гаранција во недвижен имот, со кое по правосилноста на решението и запишување на хипотеката од страна на Агенцијата за катастар, мерката куќен притвор ќе се укине“ пишува во соопштението од Судот.
По барање на СЈО на Темелко ќе му се одзеде патната исправа и има обврска еднаш неделно да се јавува во Основен суд Ресен.
Темелко беше во притвор два месеци. Затворскиот притвор му беше заменет со куќен, кон крајот на минатата година поради влошена здравствена состојба.