За време на посетата на Македонија, британската премиерка Тереза Мај ќе ја нагласи безусловната заложба на Обединетото Кралство за безбедност на Европа и почитување на европските вредности – пишува во соопштението кое го објави Владата на Британија, пред денешното пристигнување на Меј на земјава. Ова е прва посета на Западен Балкан на британски премиер по речиси цели 20 години.
Во соопштението, се пренесува и изјава на британската премиерка:
„Оваа година кога одбележуваме 25-години од дипломатските односи меѓу Македонија и Велика Британија, врските меѓу нашите земји се посилни од кога и да е.
Следната година Велика Британија ја напушта Европската унија, но не ја напуштаме Европа – и ние ќе продолжиме да работиме со нашите сојузници за да ја заштитиме нашата колективна безбедност и да ги подржиме европските вредности што ги делиме со Македонија и поширокиот дел од Западен Балкан.
Со нетрпение очекувам да слушнам од премиерот Заев за напредокот на земјата кон попрогресивна, попросперитетна и демократска Македонија“ вели Меј пред денешната посета на земјава.
Во соопштението уште се додава дека Меј утрината ќе приствува во Софија на Самитот на Западен Балкан – ЕУ, каде што ќе ја повтори желбата на Велика Британија да соработува со европските сојузници за промовирање поголема стабилност, безбедност и просперитет во регионот.На самитот ќе се разговара за следните чекори кои ќе треба да се преземат за да им се помогне на земјите од Западниот Балкан да продолжат по патот на стабилност, ослободен од конфликти и малигни влијание и способен да се справи со сопствените проблеми. За време на посетата на Македонија, Тереза Мај ќе се сретне со премиерот Заев за да разговара за реформите што неговата Влада ги презема за зајакнување на демократијата, владеење на правото како и за напредокот во преговорите со Грција за прашањето за името, пишува во соопштението.
На Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата британската премиерка ќе се сретне со активистите на ЛГБТ за да ги слушне нивните искуства.
Премиерката посетата ќе ја заврши со обраќање на прием во Парламентот, на кој ќе присуствуваат политичари и други официјални претставници. Велика Британија ќе биде домаќин на Самитот за Западен Балкан на 10-ти јули во Лондон. Фокусот на овој Самит ќе биде ставен на зајакнување на регионалната безбедносна соработка; зголемување на економската стабилност; и поттикнување на поголема политичка соработка. Ова ќе биде петтиот годишен самит како дел од Берлинскиот процес што канцеларката Меркел го започна во 2014 година.