Двократниот европски првак само еднаш бил и светски во својата фудбалска историја. Франција се искачи на планетарниот трон во 1998 година на турнирот што самата го организира по убедливата победа во финалето над Бразил со 3:0. Осум години подоцна, во Германија, стигна до нов меч за титула во кој загуби на пенали од Италија. Настапот на последниот мундијал во Бразил за „триколорите“ заврши во четврт-финалето, а финале загубија и на последното ЕП на домашен терен во 2016 година.
За завршниот турнир во Русија, Дидие Дешамп има на располагање страшно моќен тим предводен од искусни фудбалери, но и млади ѕвезди со милионски договори од кои боли глава. Ростерот со Мбапе, Гризман, Варан, Погба, Канте, Умтити, Дембеле и остатокот од дружината „мускетари“ заслужува секаков респект. Со игрите и резултатите низ квалификациите и во подготвителниот период се бетонираа меѓу топ фаворитите за тронот покрај традиционалните Бразил и Аргентина од Јужна Америка чија европска противтежа вообичаено се и Германија, Шпанија и Италија која по шест децении ќе пропушти Светско првенство.
Франција пропушти само шест Светски првенства досега. Покрај златото од 1998 година и среброто од 2006 година, има и две трети места од СП 1958 во Шведска и СП 1986 во Мексико. Го имаат и Жист Фонтен кој и натаму е најефикасен на завршните турнири со 13. постигнати гола пред шест децении. Кормилото му е доверено на Дидие Дешамп, капитен на шампионската генерација од 1998 година кој беше дел и од селекцијата при походот на европската титула во 2000 година. За националниот тим одигра 103 натпревари, на селекторската позиција е од јули 2012 година и во меѓувреме ги предводеше „триколорите“ до финале на ЕП 2016.
Конечен список на Франција за СП 2018
Голмани
Алфон Ареола (ПСЖ)
Уго Лори (Тотенхем)
Стиов Манданда (Олимпик Марсеј)
Одбрана
Лукас Ернандез (Атлетико Мадрид)
Преснел Кимпембе (ПСЖ)
Бенџамин Павар (Штутгарт)
Бенџамин Менди (Манчестер сити)
Џибрил Сидибе (Монако)
Адил Рами (Олимпик Марсеј)
Самуел Умтити (Барселона)
Рафаел Варан (Реал Мадрид)
Среден ред
Блас Матуиди (Јувентус)
Н’Голо Канте (Челзи)
Стивен Н’Зонзи (Севилја)
Пол Погба (Манчестер јунајтед)
Корентин Толисо (Баерн Минхен)
Томас Лемар (Монако)
Напад
Оливие Жиру (Челзи)
Антоан Гризман (Атлетико Мадрид)
Килијан Мбапе (ПСЖ)
Набил Фекир (Олимпик Лион)
Флоријан Туван (Олимпик Марсеј)
Осман Дембеле (Барселона)
Селектор: Дидие Дешамп
МЕЧЕВИ НА СП 2018
Франција – Австралија (16 јуни, 12 ч.)
Франција – Перу (21 јуни, 17 ч.)
Данска – Франција (26 јуни, 16 ч.)
Резултати во подготвителниот период
Франција – САД 1:1
Франција – Италија 3:1
Франција – Република Ирска 2:0
Русија – Франција 1:3
Франција – Колумбија 2:3
Германија – Франција 2:2
Франција – Велс 2:0
Лична карта на Франција
ФИФА ранг листа: 7 место
Прекар: „триколори“ или „галски петли“
Настапи на СП: 14
Најдобар пласман: шампиони во 1998 година
Настапи на ЕП: 9
Најдобар пласман: шампиони во 1984 година и во 2000 година
Најдобар стрелец: Тиери Анри – 51 гол
Најмногу настапи: Лилијан Тирам – 142 меча
Прв меѓународен меч: Белгија – Франција 3:3 во 1904 година
Најубедлива победа: Франција – Азербејџан 10:0 во 1995 година
Најубедлив пораз: Унгарија – Франција 13:1 во 1927 година