Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) изрече двегодишна суспензија за Милан за настап во Лигата на шампиони и во Европа лигата. Казната за „росонерите“ доаѓа како последица за кршење на правилото за финансиски фер-плеј, соопштија од централата во Нион.
Регуларното тело при УЕФА ја одби можност за спогодба со тимот од „Сан Сиро“ со образложение дека моментната состојба на клубот е неодржлива.
Местото на Милан во групната фаза во Лига Европа ќе ` припадне на Аталанта додека местото на тимот од Бергамо во квалификациите го зазема Фиорентина која не обезбеди излез на меѓународната сцена низ настапите во Серија А.
Милан ќе биде под мониторинг на УЕФА за сезоната 2019/20 доколку, се разбира, осигура место во ЛШ или ЛЕ и тогаш, исто така, ќе биде посебно разгледуван неговиот случај.
„Црвено-црните“ од градот на модата имаат право на жалба пред Судот за спортска арбитража во Лозана (ЦАС).