Унгарската компанија „Виз ер“ ја укинува продажбата на билети за двe од своите авионски линии надвор од Македонија- од Скопје за Барселона и од Охрид за Лондон, објави порталот „ExYuAviation“.
Ова се случува една седмица откако Владата го поништи тендерот за доделување на финансиска поддршка за лансирање на нови дестинации.
Нискобуџетниот авиопревозник ја прекина продажбата на билети за Скопје-Барселона од 26 октомври. Исто така, ја прекина продажбата на билети за своите летови од Охрид до Лондон од 24 октомври.
„Виз ер“ ќе ги прекине летовите помеѓу Скопје и Ваксјо во јужна Шведска од средината на септември, поради слабата побарувачка. Последниот лет помеѓу двата града ќе биде на 16 септември, по што продажбата на билети е прекината.
Претходниот тригодишен договор на Виз ер со државата за субвенционирање на нови дестинации, истече во јуни. Како резултат на тоа, нискобуџетниот авиопревозник повеќе не е договорно обврзан да ги одржува своите дестинации што ги лансираше во текот на изминатите три години, ниту пак добива субвенции за нив.
Неодамна беше поништен тендерот за субвенции за нови дестинации. Само една авиокомпанија аплицираше, но тој беше поништен бидејќи на запечатените коверти не се содржани името и адресата на превозникот, како што е наведено во тендерската документација.
Министерството за транспорт најави дека ќе објави јавен повик за доделување на финансиска поддршка за авиопревозниците во најкус можен рок, со цел да овозможи развој на воздушниот сообраќај во Македонија.